Квалитетниот ламинат има животен век од неколку децении. Иако се познати како многу поцврсти и поотпорни од дрвените подови, тоа не значи дека на ламинатните подови не им е потребно внимателно одржување.
Сепак, за ламинатот долги години да изгледа како да е вчера поставен, многу е важно редовно и правилно чистење. Малите траги може брзо и лесно да се отстранат со влажна крпа, а прашината да се отстрани со правосмукалка. По правило, отсуството на абразивни средства за чистење на нечистотиите е најголемата гаранција дека вашиот ламинат ќе изгледа како нов долги години.
Кои се најголемите непријатели на ламинатот?
Ламинатот може да биде поиздржлив од традиционалните дрвени подови, но сепак е можно да се оштети доколку не сте внимателни. Оштетувањето може да варира од флеки на ниво на површината до повеќеслојна пенетрација. Непишаното правило при чистење на ламинат е – подобро е да се спречи отколку да се лечи. Тоа значи дека превенцијата е многу подобра од самото чистење, односно спречување на нечистотијата да дојде до внатрешноста на подот.
Еве неколку вообичаени извори на оштетување на ламинатните подови:
Оштетување од вода
Кога станува збор за вода на вашиот ламинат, правилото е едноставно – помалку е повеќе – па дури и додека чистите. Иако правилно поставените ламинатни подови ќе бидат колку што е можно понепропустливи, вишокот вода можно е да навлезе внатре. За среќа, денес постојат иновативни решенија за ламинати кои се исклучително отпорни на вода, па доколку размислувате за промена на ламинатот, овие ламинати се исплатливо решение.
Користење на погрешни средства за чистење
Неправилната употреба на производи за чистење е речиси секогаш виновникот за хемиско оштетување на ламинатни подови. Погрешното средство за чистење може да го уништи изгледот на вашиот ламинат или уште полошо, користењето на агресивни средства може да ги оштети заштитните површински слоеви, со што ламинатот ќе го изгуби својот сјај.
Правосмукалка и метење
Прашината и нечистотијата е универзален непријател на секој предмет во домот, а истото важи и за нечистотијата на вашиот ламинат. Редовното и правилно бришење и чистење со правосмукалка се од суштинско значење за да се спречи прашината и нечистотијата да го уништат финишот на ламинатот.
Сепак, чистењето со правосмукалка или метењето на погрешен начин може да предизвика штета наместо корист. Чистењето со правосмукалка со вклучен ролер за четкање ќе предизвика појава на микрогребнатини на вашиот ламинат. Истото важи и за метење со метла со влакна, без разлика колку и да е мека.
Сончева светлина
Простор кој изобилува со природна дневна светлина изгледа одлично и на тој начин убавината на ламинатот доаѓа до израз во целосниот амбиент. Сепак, реалноста е дека суровата сончева светлина која секој ден го погодува вашиот ламинат на истите места може постепено да ги избледи деловите од ламинатот кои се на директна изложеност на сонце и да направи оштетување на површинскиот слој на ламинатот.
Тежок мебел
Вашето омилено парче мебел во домот како што е големата гарнитура се истакнува во целиот простор, но факт е дека би можело да направи штета врз вашиот ламинат. Мебел без соодветни влошки поставени како поглога на ногарките е совршена средина за појава на гребнатини кога станува збор за ламинатот. Влијанието на ова се зголемува двојно ако се работи за парче од кое се користи често, како што се каучи или маси, или мебел кој е подложен на секојдневно поместување, како столиците на трпезариската маса. Самиот чин на поместување на столиците секој ден може да доведе до голема штета кај ламинатот со текот на времето.
Па, кој е најдобар начин да ги одржувате ламинатните подови? Превенција!
Оптималниот начин да го одржувате вашиот ламинат чист и траен е да обрнете внимание на рутинското и правилното одржување. Исто така, превенцијата од негативни влијанија кои можат да допринесат за оштетување на вашиот ламинат е на врвот на приоритетите. Еве што препорачуваме.
Метете и чистете со правосмукалка редовно и правилно
Во секој случај, ова е наједноставниот од сите начини за чистење на подот. Нечистотијата не влијае само на целокупниот изглед на вашиот дом, туку предизвикува и ситни гребнатини во ламинатот кои се таложат и може да ја оштетат површината на вашиот под. За да одржувате вашиот ламинат, оптимално е да го метете или чистите со правосмукалка најмалку еднаш неделно. За да се осигурате дека вашата метла или правосмукалка не го гребе ламинатот, користете многу мека четка за прашина и погрижете се четката на вашата правосмукалка да е поставена нагоре.
Избришете ги течностите што побрзо
Дури и ако вашиот ламинат е целосно водоотпорен, најдобро е да ја исчистите истурената течност на подот најбрзо што можете. Доколку ги занемарите, течностите можат да навлезат во ламинатот со текот на времето. Помислете само на оние мали протекувања што можат да се насоберат под фрижидерот. Најдобар совет е да ги исчистите истурените течности веднаш по излевањето и потоа да употребите целосно сува крпа или сува хартија за да ја отстраните целата влага.
Измијте го подот со обична топла вода
Топлата вода навистина е ефикасно средство за чистење на ламинатот: одлично ги чисти маснотиите, целата нечистотија и ги уништува микробите. Бидејќи не содржи груби хемикалии, водата скоро и да нема шанси да го оштети ламинатот. Миењето со топла вода на ламинатот еднаш на месечно ниво обично е доволно ако следите и неделна рутина за метење. Бидејќи ламинатните подови се чувствителни на вода, важно е да го исцедите вашиот џогер додека не биде само влажен, а не целосно мокар, кога започнувате со чистење на подот. Експертите велат: Никогаш не користете абразивни средства за чистење, како сапуни, детергенти, восоци или средства за полирање на вашите ламинатни подови.
Заштитете го ламинатот во најсончевите периоди од денот
Бледеењето на ламинатните подови од сонце често пати е неприметлив проблем – луѓето често не сфаќаат што се случило додека не го преместат мебелот и не пронајдат бледи флеки на ламинатот. За да ги спречите оштетување од сонцето на ламинатот, погрижете се да ги затворите ролетните или користете завеси за да го заштитите ламинатот од директна изложеност на сончева светлина за време на најсилните сончеви периоди во текот на денот.
Никогаш не користете џогер на пареа
Иако постојат некои спротивставени мислења за тоа дали џогерот на пареа е добар избор за чистење на ламинатот, нашиот совет е едноставен: Немојте. Додека ламинатните подови се високо-технолошки решенија, тие сепак не се направени од дрво. Зголемените температури и вишокот вода едноставно не се согласуваат со нивната конструкција.
Добијте повеќе совети и инструкции, како и соодветни средства за одржување на вашиот ламинат во нашите салони во Скопје и Струмица.